|
|

|
<< 1995 >>
Приказната за Македонската берза АД Скопје започна во 1995. На 13 септември во домот на пратениците во Скопје се одржа Основачкото собрание на Македонската берза АД Скопје. Овој датум е официјалниот датум на создавањето на првата организирана берза на хартии од вредност во историјата на Република Македонија со оглед на тоа што во земјата никогаш порано не постоела ефектна берза. Берзата беше основана како акционерско друштво што работи на непрофитна основа, со основачки капитал од 1 милион германски марки. Во историјата ќе остане запишано дека Македонската берза АД Скопје ја основаа 19 правни лица од кои 13 беа банки, 3 осигурителни друштва и 3 штедилници. Овие 19 основачи на Берзата станаа нејзини први членки со право на тргување на Берзата. Целиот проект на основање на Македонската берза беше реализиран со техничка помош на British Know- How Fund. Во рамките на овој проект беше реализирана и обуката на првата генерација брокери.
|
|
|
<< 1996 >>
И покрај тоа што беше основана во септември 1995 година, роденденот на Македонската берза се поврзува со 28 Март 1996 година, кога за прв пат заѕвони берзанското ѕвонче. Тоа го објави официјалниот почеток на тргувањето. Скромниот обем на трансакции на првиот ден на тргувањето не го намали чувството дека со овој чин почнува да се создава нова македонска економска историја. Во нејзината почетна развојна фаза, на Берзата се тргуваше два пати во неделата, во вторник и четврток. Склучувањето на трансакциите се извршуваше на „ берзанскиот паркет“ во салата за тргување преку методот на континуирано наддавање и моделот на „пазар придвижуван од налози“.
Истата година, на 16 октомври, Македонската берза беше примена за полноправна членка на Федерацијата на Евроазиски берзи (FEAS).
|

|
|
|

|
<< 1997 >>
1997 година беше прва година на активно функционирање на Македонска берза. Тоа беше година во која беа детектирани ограничувачките фактори за развој на секундарниот пазар на хартии од вредност. Ограничувачките фактори претставуваа мотив берзанската заедница постојано да иницира решенија и модалитети за развој на тргувањето и развој на пазарот на хартии од вредност воопшто. Во месец февруари беше донесен новиот Закон за издавање и тргување со хартии од вредност. Големата новина што ја донесе овој закон беше одредбата сите трансакции со хартии од вредност во Република Македонија да се реализираат на Берзата. Следејќи го трендот на сите модерни берзи во светот, Македонската берза во текот на годината организираше и спроведе широка информативно-едукативна кампања со цел да го зголеми нивото на познавања на функционирањето на пазарот на хартии од вредност во земјата. Берзата ја лансираше и својата веб-страница, преку која сите заинтересирани можеа да ги добијата основните информации за Берзата, како и дневните листи од тргувањето.
|
|
|
<< 1998 >>
Две основни придобивки од работењето на Берзата во 1998 година ќе донесат подолготрајни ефекти. Тоа беа постигнатиот едукативно-промотивен ефект (ширење на сознанието кај јавноста за берзанскотот работење) и новиот начин на берзанско окрупнување на сопственоста во компаниите кој обезбедува јавно и транспарентно тргување преку блок трансакции. По повод двегодишнината од почетокот на тргувањето на Берзата, беше промовирана книгата „Берзански прирачник“ во издание на Македонска берза. Меѓународната соработка на Берзата се интензивираше, интересот на странски експерти и потенцијални инвеститори на Берзата се зголеми, а продолжи и учеството на претставници на Берзата на настаните организирани од страна на SECI и FEAS. На 09.11.1998 година Македонската берза ја посети Неговото Височество, Принцот од Велс.
|

|
|
|


|
<< 1999 >>
За Македонската берза 1999 година беше прилично турбулентна. Најголемиот дел од остварениот промет се реализираше на Неофицијалниот пазар, а Берзата и натаму претставуваше место на кое, главно, се вршеше концентрација на сопственоста во акционерските друштва. Трговските друштва и натаму не ја препознаваа Берзата како можност за прибавување на дополнителен капитал за финансирање на развојот. Беа котирани акции само на две банки. Сите нови емисии на акции во 1999 година беа реализирани во форма на приватен пласман и беа наменети за познати купувачи. Кон крајот на годината се случија два настани кои ќе имаат долгорочно позитивно влијание врз развојот на Берзата и македонскиот пазар на хартии од вредност во периодот што следеше потоа. Во месец ноември започна имплементацијата на проектот на USAID за развој на пазарот на капитал во Република Македонија, со кој беа опфатени повеќе подрачја од работењето на Берзата и Комисијата на хартии од вредност. Во декември, пак, се измени Законот за хартиите од вредност кој ги постави основите за дематеријализација на хартиите од вредност и го воведе централизираното водење на евиденцијата за сопственоста на акциите во Република Македонија. Истиот месец, согласно договорот помеѓу Република Македонија и Светската Банка, под раководство на експертски тим од Кралството Норвешка, започна реализацијата на проектот за изработка на физибилити студија за развој и имплементација на Централниот депозитар за хартиии од вредност. Во работата на овој проект активно беа вклучени и претставници на Берзата.
|
|
.
|
. |
. |
|
|
<< 2000 >>
Петтата година од работата на Македонска берза АД Скопје претставуваше пресвртница од многу причини, а пред се поради подготовката за воведување на електронското тргување како нов и модерен начин на тргување со хартии од вредност. Последниот ден од првиот месец на 2000 година, Одборот на директори на Македонска берза формално ја усвои иницијативата за воведување на систем за електронско тргување, а активностите за реализација на оваа иницијатива се одвиваа во текот на целата година. Во месец септември во Скопје се одржа Годишно собрание на FEAS, чиј домаќин беше Македонската берза.
Во последниот месец од годината беше потпишан договор со Љубљанска берза и Министерството за економска соработка и развој на Република Словенија за користење техничка помош за имплементација на електронскиот систем на тргување на Љубљанската берза во Македонија. Со тоа беа обезбедени сите предуслови за воведување на електронското тргување на Македонската берза.
|

|
|
|

|
<< 2001 >>
Македонската берза и во текот на 2001 година продолжи да промовира повеќе новини во работењето, поради што целата година со право може да го добие епитетот година на модернизација. Почнувајќи од месец мај се зголеми бројот на тргување во текот на неделата од два на три дена на тргување. Во месец април заврши една етапа од работењето на Македонската берза - престана тргувањето на берзанскиот паркет и започна новата етапа - електронското тргување со хартии од вредност со помош на Берзанскиот електронски систем на тргување (БЕСТ). Со БЕСТ системот се создадоа услови за зголемување на обемот, ефикасноста и ликвидноста на берзанското тргување. Истиот месец беше потпишан и Меморандумот за соработка со Љубљанската берза. Летото истата година беа усвоени измените во Законот за хартии од вредност, со кои Берзата се трансформираше во профитно акционерско друштво. Неколку месеци по воведувањето на БЕСТ, беше промовиран и првиот официјален берзански индекс- Македонски берзански индекс (МБИ), чиј состав влегоа петте најликвидни акции. На крајот на годината, во декември, започна и долгоочекуваниот процес на целосна дематеријализација на акциите на повеќе од 670 друштва во државата и работата на Централниот депозитар за хартии од вредност. Водењето на акционерските книги беше пренесено на Депозитарот, со што беше оневозможена манипулацијата со правата на акционерите.
|
|
|
<< 2002 >>
Почнувајќи од месец јануари 2002 година, Берзата го зголеми бројот на денови на тргување на четири дена во неделата, од понеделник до четврток. Во месец февруари беше усвоен Законот за преземање на акционерските друштва, како последна нормативна алка што недостасуваше во регулативата од областа на пазарот на хартии од вредност во Републка Македонија. Во месец март продолжи иницијативата за соработка со берзите во регионот и беше потпишан Меморандумот за сорабортка со Атинската берза. За котираните хартии на Официјалниот пазар на Берзата беа воведени ценовни ограничувања од +/-10% од нивната последна официјална просечна цена. Во 2002 година беше котирана и првата емисија на обврзници за денационализација издадени од Република Македонија.
|

|
|
|

|
<< 2003 >>
Во месец јануари 2003 година Македонската и Белградската берза потпишаа меморандум за соработка со цел интензивирање на соработката и размената на информации меѓу двете берзи. Слични меморандуми беа потпишани во месец мај со берзата од Загреб и во месец октомври со Бугарската берза. Берзата зеде активно учество во изработка и промовирање на т.н. Бела книга за корпоративно управување во Југоисточна Европа - проект во организација на OECD. Во месец октомври беше промовиран новиот интернет портал на берзите од Југоисточна Европа, за кој Македонската берза беше еден од главните иницијатори. Порталот беше развиен од страна на Љубљанската берза и претставуваше прва фаза на процесот на информатичко поврзување на берзите од регионот (Љубљана, Вараждин, Бања Лука, Сараево, Белград, Подгорица и Скопје). Со него беше воспоставена размена на повеќе видови информации за компаниите и хартиите од вредност на регионалните берзи во реално време за членовите на сите берзи учеснички. Се смета дека силниот пораст на прометот на Македонската берза во периодот што следеше во голем дел се должи токму на вклучувањето на Берзата во овој проект. Порталот овозможи македонските котирани друштва и нивните акции да станата попрепознатливи и поатрактивни за финансиските посредници во земјите од Југоисточна Европа.
|
|
|
<< 2004 >>
Во месец февруари 2004 беше котирана третата емисија на обврзниците за денационализација издадени од Република Македонија. Во месец мај стапи во сила новиот Правилник за котација на хартии од вредност. Воедно беше најавен и проектот за изготвување на посебен Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва како наредна активност во овој домен. Берзата за прв пат ја издаде електронската публикација „Факти за котираните компании“ во која се анализираат финансиските извештаи доставени до Берзата од страна на котираните компании. Кон крајот на годината беше донесена одлука од почетокот на 2005 година да се започне со пресметување на новиот Македонски берзански индекс (МБИ-10).
|

|
|
|

|
<< 2005 >>
Десеттата јубилејна година од основањето на Македонската берза беше мошне успешна година. Ваквото раздвижување на берзанското тргување во 2005 година беше резултат на повеќе фактори кои позитивно влијаеја на функционирањето на Берзата. Во 2005 година Македонската Берза беше примена за дописна членка на Федерацијата на европските берзи (FESE). Беше воведена софтверска апликација СЕИ-НЕТ како официјален и единствен начин на доставување на податоци од котираните друштва до Берзата, а се отпочна и со изготвување на Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва. Кон крајот на годината се донесе и новиот Закон за хартии од вредност, со кој се изврши натамошно прилагодување на регулативата од областа на хартии од вредност со директивите на ЕУ и принципите на IOSCO.
|
|
|
<< 2006 >>
Една од карактеристиките на 2006 година беше нагласениот прилив на странски портфолио инвеститори кои воглавно беа од регионот. Двата приватни пензиски фондови се појавија на домашниот пазар на хартии од вредност во улога на нови институционални инвеститори. Во текот на 2006 година се приватизира ЕСМ, а имаше и нагласена присутност на државата на пазарот на хартии од вредност преку продавање на државниот капитал во повеќе акционерски друштва меѓу кои и Македонски телекоминикации АД Скопје и одреден број котирани друштва. Во јуни 2006 година е усвоен Кодексот на корпоративно управување наменет за котираните акционерски друштва. Во септември 2006 година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонската берза и Виенската берза.
|

|
|
|

|
<< 2007 >>
2007 година беше најуспешната година во 11 годишната историја на Македонската берза: оставрен е промет од 41,7 милијарди денари, а македонскиот берзанси индекс МБИ-10 ја достигна својата највисока вредност, пробивајќи ја границата од 10.000 индексни поени. Во текот на годината се реализираа неколку успешни преземања, особено во банкарскиот сектор. Во првиот квартал од годината започна примената на сетот нови правила кои Берзата ги донесе во согласност со Законот за хартии од вредност од 2005 година. Берзата се пресели на нова локација и од 15-ти Октомври своето работење го обавува од новите деловни простории. Во последниот квартал од годината беа промовирани берзанскиот веб магазин МБМонитор кој претставува извор на информации и новости од светските и регионалните пазари на хартии од вредност и “Прирачникот за корпоративно управување во македонските акционерски друштва„ прва публикација од ваков вид во Македонија. Еден од настаните кој по своето значење даде обележје на целата 2007 година беше потпишувањето на Меморандумот за партнерство помеѓу берзите од Белград, Скопје, Загреб и Љубљана. Примарната цел на Меморандумот за партнерство е да овозможи понатамошен развој на регионалниот и националните пазари на хартии од вредност и истиот е во функција на излегување во пресрет на потребите на големите меѓународни и регионални актери на пазарот на хартии од вредност.
|
|